Модели за соработка и учество на локално ниво: Компаративен преглед Печати

Автори: Естер Хартаи, Катерина Хаџи-Мицева Еванс
Дата: октомври 2011 година
ISBN: 978-608-4617-43-3
PDF: modeli-za-sorabotka-i-ucestvo-na-lokalno-nivo-komparativen-pregled-2011.pdf

modeli-za-sorabotka-i-ucestvo-na-lokalno-nivo-komparativen-pregled-2011Правото на граѓаните да учествуваат во извршувањето на јавните работи е едно од основните демократски начела и може најдиректно да се остварува на локално ниво кадешто локалните власти се во можноста поблиско да соработуваат со граѓаните и нивните организации и да работат на проблеми кои директно влијаат врз нивните животи.

Со тоа што ќе ги земат предвид мислењата и потребите на граѓаните и ќе ги вклучат во работата на локалната самоуправа, локалните власти може да обезбедат поддршка за предложените политики. Преку соработка со граѓаните и нивните организации при испорачување програми и услуги, локалните власти можат да дојдат до ресурси, знаење и заложба во спроведувањето на активностите кои се од директен интерес за заедницата. Ова може да резултира во взаемна доверба, чувство на сопственост и поголем легитимитет на нивните одлуки.

Целта на овој документ е да се прикажат постојните модели кои ја унапредуваат соработката и вклученоста и да истакнат како тие може да придонесат за подобро меѓусекторско партнерство и ефективна соработка и вклученост на граѓаните и граѓанските организации (ГО) во процесите на донесување одлуки на локално ниво и активности на локалните самоуправи.

На самиот почеток, документот дава преглед на главните европски документи за соработката на ГО и локална самоуправа кои служат како компас за националните законодавства. Понатаму, документот дава преглед на сегашната состојба на соработката во пет земји – две земји од Европската Унија (ЕУ) и три земји од Балканот. Како примери на две земји на ЕУ, во истражувањето е прикажана сегашната состојба во Англија и во Унгарија.

Англија, како стара демократија, претставува мудар на добрите практики и соработка помеѓу владата и ГО и покажува значително остварување вистинско партнерство помеѓу локалната самоуправа и ГО – во поглед на тоа дека нејзините механизми успешно се спроведуваат како резултат на заложбата и посветеноста на сите страни. Унгарија, релативно нова членка на ЕУ, има сличен систем како и Македонија. Таа претставува пример на статус кој е нешто помеѓу, кадешто во изминатите 20 години беа усвоени бројни демократски алатки, но сепак треба уште многу да се направи за да се применат тие во пракса и да се направат промени во размислувањата. Трите земји од Балканот се Хрватска, Босна и Херцеговина (со нагласок на Федерацијата на Босна и Херцеговина) и Србија. Од нив, Хрватска и Федерацијата на Босна и Херцеговина покажуваат зголемени напори да создадат модели за соработка и да ги мултиплицираат низ целата земја. Србија покажува тенденција да развива повеќемеханизми за соработка, меѓутоа тие не се на исто ниво како во другите две земји. И покрај тоа што овие земји може да се соочат со прашања во поглед на спроведувањето на овие модели, вреди да се разгледаат некои од примерите и да се земат предвид во други контексти и земји.

Во текот на истражувањето авторите се потпираа главно на компјутерско истражување и материјали достапни на англиски и на локалните јазици. Онаму кадешто беше можно, беа спроведувани интервјуа со службени лица кои раководат со моделите или со експерти кои работат во земјите. Авторите исто така се потпираа врз постојните студии, компаративни анализи, насоки, модели, информации и совети и студии на случај за да одлучат за моделите кои треба да се прикажат во овој документ. Треба да се напомене дека на Интернет и во различните документи од истражувања веќе направени на оваа тема има многу малку информации за моделите и нивното спроведување во пракса. Затоа, аспектот на спроведувањето на сите модели не е целосно истражен.

Со анализата се прави напор да се воведат такви модели кои би можeле успешно да се усвојат во праксата на локалните самоуправи. Со цел да се обезбеди ефективна соработка, потребно е да се преземат чекори подеднакво и на национално и на локално ниво. Меѓутоа, примерите на земјите покажуваат дека и покрај тоа што националното законодавство треба да ги воспостави правилата и да им даде насока на локалните самоуправи, пред сèмора да се почитува автономноста на локалните власти и нивната способност да стапат во креативни и иновативни партнерства со локалните заедници.