Меѓурелигиска соработка во Македонија Печати

Меѓурелигиска соработка во МакедонијаВо 2003/04 година Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во соработка со  Македонската православна црква (МПЦ), Православниот богословски факултет (ПБФ) Исламската верска заедница (ИВЗ), Факултетот за исламски науки (ФИН), Католичката црква (КЦ), Евангелско - методистичката црква (ЕМЦ) и Еврејската заедница во Македонија (ЕЗРМ) ја започнаа пилот програмата Поврзување на религиите во Македонија (ПРМ). Резултатите од пилот програмата ПРМ, но и самата оценка на програмата, покажаа дека кај верските заедници постои интерес за развој на дијалогот и започнување на поактивна меѓусебна соработка.

Ваквите наоди беа појдовна точка за формулација на нова програма за меѓурелигиска соработка. Сепак заради посистематско вклучување на верските заедници во самиот процес, од исклучително значење беше да се согледаат нивните потреби и видувања како на најдобар и најпрактичен начин да се оствари дијалогот. За таа цел во првата половина на 2005 година беа организирани неколку работилници и средби со претставници на верските заедници и студентите на теолошките факултети. Вклученоста на студентите и членовите во процесот на формулацијата на новата програма беше на задоволително ниво, така што учесниците ги предлагаа активностите коишто би сакале да ги реализираат во рамките на програмата, а воедно дискутираа за новата формулација на целите, целните групи и резултатите на програмата. Од исцрпните дискусии произлезе новата програма Меѓурелигиска соработка во Македонија (МСМ) 2005 – 2008 година. Програмата беше предвидено да трае 3 години (2005-2007 година), а истата беше пролонгирана до октомври 2008 година, заради подоцното склучување на договорите со донаторите, но и заради комплетирање на предвидените активности. По формулацијата, спроведувањето на активностите започна во октомври 2005 година.

Целта на програмата МСМ беше да се збогати соработката помеѓу верските заедници и разбирањето за нив кај целокупната јавност. Целна група беше целокупната јавност, со фокус на студентите на двата теолошки факултети (ПБФ и ФИН) и членовите на верските заедници (МПЦ, ИВЗ, КЦ, ЕМЦ и ЕЗРМ).

Програмата резултираше во подобрено знаење за различните религии, во подигање на свеста за различните култури, како и во подобрување на информираноста за верските заедници, како помеѓу нив самите, така и кон општата јавност воопшто. Со цел за постигнување на планираните резултати, беа реализирани повеќе различни активности кои беа поделени во три дела, односно:

  • Образование: Поддршка на канцелариите за соработка на двата факултети, организирање на разменски предавања помеѓу факултетите и верските заедници, разменски посети на теолошки училишта, меѓуверски летни кампови, Студиски посети и обуки за основни вештини за студентите на теолошките факултети.  
  • Култура: посети на верски објекти; издавање на заеднички меѓуверски календар, организирање на локални дебати и фонд за иницијативи на верските заедници.
  • Информации: Билтен за меѓурелигиска соработка, компаративни студии, адресар на верските заедници, емитување радио емисии на теми поврзани со меѓуверскиот дијалог, како и отворање на меѓуверски инфо и дијалог центар.

За поуспешна  организација на проектните активности беше формирана Управувачка група (УГ) на програмата, којашто беше составена од деканите на двата теолошки факултета, членови на петте верски заедници во Македонија и претставници од МЦМС, Норвешката црковна помош (НЦА) и Данската црковна помош (ДЦА). Улогата на Управувачката група на програмата беше да го следи напредокот на програмата МСМ и да дава насоки и совети за поуспешна реализација на програмата. Во периодот од 2005-2008 година беа одржани вкупно шест седници на Управувачката група. Членовите на УГ активно учествуваа на состаноците на кои дискутираа за најразлични прашања поврзани со програмата: формулација на програмата, спроведувањето, одржливоста, зајакнување на улогата на меѓурелигискиот совет итн.

Покрај УГ во рамките на програмата беше формиран и Издавачки совет (ИС) со претставници од петте верски заедници во Македонија и еден претставник од МЦМС, кои беа задолжени за уредувачката политикана информативните изданија од програмата. Во овој период ИС одржа три седници на кои дискутираше за идејните решенија на меѓуверските календари и билтенот за меѓуверска соработка. Покрај седниците, ИС беше активно вклучен и постојано консултиран при издавањето на сите други изданија од програмата.

Иако фокусот на програмата беше насочен претежно кон студентите од теолошките факултети и соработката во периодот од 2005-2006 година беше фокусирана кон овие целни групи, во 2007 година до крајот на програмата беше интензивирана соработката помеѓу ПБФ и останатите верски заедници (КЦ, ЕМЦ и ЕЗРМ). Во тој период ИВЗ и ФИН учествуваа во активностите, но со намелено темпо. Причина за намалениот интензитет беше спорот којшто настана помеѓу МЦМС и ИВЗ за член на УО во МЦМС.

Носител на програмата беше МЦМС, а поголемиот дел од активностите беа спроведени од страна на ПБФ и делумно на ФИН. Програмата беше реализирана во периодот јануари 2005 до октомври 2008 година. Вкупните трошоци на програмата изнесуваат 24,514,403 МКД, од коишто поголемиот дел беа обезбедени од НЦА и ДЦА..

Мултимедијална презентација на програмата.

Извршно резиме од програмата.

Завршени проекти:


Поврзани: