2000 – Цело е кога има сé - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

2000 – Цело е кога има сé PDF Печати Е-пошта

2000-godina-na-stabilizacijaОд 2000 г. МЦМС се врати на своите домашни фокуси. Се интензивираше кампањата „Цело е кога има сé“. Заедно со осум женски НВО го стартува билтенот „Перспективи“. МЦМС ја промовираше тространата соработка меѓу мали и средни претпријатија од Грција, Германија и Македонија - поврзување на претпријатијата Скопје-Солун.

По скоро едногодишен прекин обновени се активностите во секторот на граѓанско општество и демократија. Започнато е полното спроведување на програмата Јакнење на НВО (ПЈН), како и на програмата Јакнење на женските НВО за здравствена едукација (ЈЖЗ). По комплетирањето на Цело е кога има се (ЦКС), поддржани се пилот-проекти за дијалог и толеранција и за човекови права.

Цело е кога има се! - продолжи и по завршувањето на кризата. Активностите беа насочени пред се кон младите но и кон пошироката јавност во Република Македонија и тоа посебно кон учениците од мултиетничките средни училишта и областите населени со различни етнички групи. Аудио-визуелната кампања вклучи ТВ и радио спотови, билборди и дваесет минутен документарен филм. „Цело е кога има се!“ опфати околу 20.000 средношколци, 92 професори, 186 претставници на локалната самоуправа, НВО и медиуми и целата јавност. На еден од настаните актерката Софија Куновска порача „Одвиткувањето на вселената се случува без разлика на нашите фрустрации, затоа, треба добро да размислиме за тоа дали нашиот привремен престој на земјата ќе го поминеме во разни конфликти и поделби или ќе се обидеме самите за себе да си обезбедиме некаква хармонија“.

Посткризната рехабилитација на Македонија им беше упатена на луѓето што живееја во средините каде што последиците од косовската криза во голема мера ги нарушија основните услови за живот. Беа спроведени активности за водоснабдување и санитација на заедниците домаќини. Поддржана е изградба на водоводи во осум села и санитациски ситеми во три села. Беше дистрибуирана помош во храна и хигиенски производи. Вкупно беа дистрибуирани околу 300 тони храна и 140 тони хигиенски производи. МЦМС спроведе повеќе рехабилитациски проекти но и проекти за јакнење на институционалниот капацитет на невладините организации кои беа вклучени во дистрибуцијата на помошта за бегалците и социјално загрозените лица.

Продолжија активностите во Косово кои беа насочена кон бегалците кои се враќаат и внатрешно раселените лица, малцинските групи и посебно ранливите групи. Активностите беа продолжени во истите региони како во 1999 година (43 села во југозападно Косово), со несмалено темпо, бидејќи се уште беше фаза на итна пост-кризна помош, а беа дополнително диверзифицирани, со: водоснабдување на селата, дистрибуција на земјоделски репро-материјали за пролетната и есенската сеидба, а беа набавени и стелни крави за 165 семејства и за Здружението на млекопроизводителите. Сите овие активности придонесоа за закрепнување на селата по конфликтот и обновување на нивните продуктивни капацитети.

„По 1999 година МЦМС во 2000 година стоеше пред нов предизвик да се стабилизира по огромниот раст и да се врати на своите фокуси. За овој предизвик битни се: враќањето кон развојните активности, внатрешните избори, среднорочната оценка и воспоставување регионална соработка.”

Годишен извештај на МЦМС за 2000 година.

2000

 
Се наоѓаш тука  : Почетна За нас Нашата историја 2000 – Цело е кога има сé