„Во државниот сектор се оди со водени чизми на нозете“ - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

„Во државниот сектор се оди со водени чизми на нозете“ PDF Печати Е-пошта
Четврток, 26 октомври 2017 18:20

„Позитивна страна од преминот од граѓанскиот сектор во државна институција е што се отвора простор за вклучување нови луѓе и свежи идеи. Негативната страна од овој трансфер е тоа што граѓанскиот сектор се ослабнува бидејќи тој треба да биде критика на Власта“, рече Бранимир Јовановиќ на тематскиот форум на Цивика мобилитас „Соработка помеѓу новата Влада и граѓанскиот сектор во Македонија“ кој се одржа денеска (26.10.2017 година) во хотел Метропол, во Охрид.

Vo drzhavniot sektor se odi so vodeni chizmi na nozete 1

Покрај Јовановиќ, на Форумот зборуваа и Санела Шкријељ и Трајан Димковски доскорешни граѓански активисти, сега ангажирани во Владата на РМ. Тие, заедно со претставниците на граѓанските организации развија широка дискусија за феноменот на зголемена вклученост на граѓанските активисти во државните институции, потенцијалите кои произлегуваат од ваквите  трансфери, како и можностите за надминување на новонастанатите предизвици.

„Ова го сметам за привремен ангажман, со кој ќе допринесам за некои реформи кои верувам дека треба да бидат направени“, рече Санела Шкријељ, шеф на кабинетот на министерката за труд и социјална политика. Таа истакна дека верува во зголемување на партнерството меѓу граѓанскиот и државниот сектор и во својата одлука да биде дел од промената која сака да ја постигне.

Vo drzhavniot sektor se odi so vodeni chizmi na nozete 2

Трајан Димковски, шеф на кабинетот на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, вели дека тој не ја избрал политиката, туку таа го избрала него. Сепак, кога ја прифатил оваа позиција не бил свесен дека ќе се соочи со таква бирократија која е тешко да се придвижи. „Немам верба дека во догледно време ова ќе се промени. Во неколку наврати ми беше кажано дека овде се оди со водени чизми на нозете.“

Бранимир Јовановиќ, советник во кабинетот на министерот за финансии, го сподели своето почетно искуство во Министерството за финансии. „Очекував дека ќе имам поголем отпор од луѓето кои веќе работеа таму. Мислев дека влегувам во арена со лавови и ѕверови кои ќе не растргнат и постојано ќе ни поставуваат сопки. Беше надреално колкава беше нивната соработка. Се уште не сум сигурен дали луѓето биле под толку голема пресија и едвај чекале да се променат работите во министерството, или пак глумат и само сакаат да си ја задржат сопствената позиција и моќ“, додаде тој.

Претставниците на граѓанските организации во дискусијата ги охрабрија поранешните граѓански активисти и им порачаа дека ги почитуваат нивните одлуки и во нив гледаат сојузници кои ќе се борат за граѓанскиот сектор. Но, исто така, им ветија дека остро ќе ги критикуваат нивните одлуки доколку ги загубат нивните сегашни вредности.

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести „Во државниот сектор се оди со водени чизми на нозете“