23 години МЦМС Печати
Среда, 14 декември 2016 14:39

1.622 проекти за повеќе од 55 милиони евра

МЦМС денес, 14 декември 2016 година одбележува 23 години од своето постоење. Период во кој беа спроведени 1.622 проекти чиј буџет беше над 55 милиони евра. Во своето долгогодишно работење, МЦМС ги поддржуваше не само граѓанските организации, туку и локалните самоуправи, институциите, синдикатите итн. Покрај финансиската, поддршката често беше и преку јакнење на капацитетите на претставниците на сите овие организации. МЦМС спроведе повеќе од 870 обуки и оспособи за различни теми речиси 20.200 луѓе на сите возрасти и од сите сектори. За потребите на своите, но и не само своите активности за застапување, МЦМС издаде 191 публикација, меѓу кои голем број истражувачки извештаи кои придонесоа за аргументирана расправа за клучните прашања во македонското општество.

23-godini-mcms

Но постигнувањата на МЦМС не се само бројките, иако за нив најчесто пишуваме и зборуваме. Тоа се луѓето чии судбини се испреплетени со овие бројки, со овие активности, луѓето во градовите и селата, дури и во оние најоддалечените места на Македонија. Тоа се Герасим и Бранко од Едрениково, Струмичко и жителите на Дедино, Славеј, Браилово, Црнилишта и на уште околу 250 села кои добија чиста вода за пиење и го решија еден од најголемите животни проблеми; тоа се Азра и Рамче кои, заедно со нивните родители разбраа дека синџирот на сиромаштијата кај Ромите ќе се прекине само со образованието; тоа се Александар и Зухри, студенти на Богословскиот, односно Факултетот за исламски науки кои за прв пат стапнаа кај оној другиот; тоа се сестрите Фемије и Самире од Шемшево кои не само што се оспособија туку и го добија првото вработување и плата; тоа се вработените, сегашните и некогашните, членовите на органите и телата од основањето до денес, тоа се многу други млади и стари, мажи и жени, Македонци, Албанци, Роми, Турци, Срби, Бошњаци или Власи чија приказна во било кој период од животот се вкрстила со таа на МЦМС и го направила она што е денес – силна и кредибилна организација која е способна да се фати во костец со предизвиците што ги носи новото време. 

Вредностите за кои се залага МЦМС се уште се актуелни. Нив најдобро ги одразува слоганот на една од најпознатите кампањи што ги спроведе организацијата „Цело е кога има сè!“ 

За новите проекти, резултати и позитивни промени – среќен роденден МЦМС!


Поврзани: