Уреден плоштадот во Берово Печати
Понеделник, 28 Февруари 2011 15:22

На 28 февруари 2011 година во Берово се одржа последната сесија во рамките на програмата Форуми во заедниците. Околу педесет граѓани дојдоа за да се информираат околу завршувањето на проектот на кој му дадоа најмногу гласови „Партерно уредување на централното градско подрачје - плоштад Димитар Беровски“.

Уреден плоштадот во Берово

Првата форумска сесија се одржа на 7 октомври 2009 година, каде околу 80 граѓани по втор пат учествуваа во спроведување на програмата Форуми во заедниците, овој пат како „Буџетски форумски процес“. Цел на програмата е создавање платформа за структурирани дискусии и предлози за буџетот и поддршка на учеството на граѓаните во распределба на буџетските средства во општината.

На петата форумска сесија граѓаните гласаа за програмите на општината кои би се подржале со програмата за работа за 2010 година: Уредување на градежно земјиште; Изградба, реконструкција и одржување на локални патишта и улици; Изградба на јавно осветлување; Локален развој и меѓугранична соработка; и Изработка на урбанистички планови. Програмата Уредување на градежно земјиште доби најмногу гласови. Граѓаните од 35 понудени проекти се изјаснија за проектот „Партерно уредување на централното градско подрачје – плоштад Димитар Беровски“.

„Ние како граѓани, имавме можност директно да влијаеме на она што ќе се направи со предвидените средства за овој проект. Општината цело време беше отворена за соработка и за прифаќање на нашите идеи. За мене беше прв пат да се запознам со структурата на буџетот, како и приоритетите за развој на општината во изминатата година“, ни рече Владо Нешовски, жител на Берово.

Вкупниот буџет за спроведување на проектот изнесуваше 9.803.083 МКД. Од нив, 6.000.000 МКД обезбеди Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), додека 3.803.083 МКД ги обезбеди Општина Берово. Граѓаните на Берово низ целиот форумски процес ги водеше МЦМС, како спроведувачка организација.


Поврзани: