Објавена публикацијата „Организации, институции и проекти за рурален развој“ Печати
Четврток, 23 декември 2010 16:29

Македонскиот центар за меѓународна соработка по прв пат ја објави публикацијата „Организации, институции и проекти за рурален развој“. Дел од медиумите ја пренесоа веста од промоцијата.

Промоција на публикацијата „Организации, институции и проекти за рурален развој“

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Мрежата за рурален развој на Република Македонија (МРР на РМ)  денеска ќе ја промовираат публикацијата „Организации, институции и проекти за рурален развој“. Публикацијата има за цел да ги стави на едно место субјектите активни во руралниот развој и нивните проекти. Нуди информации за регионалната распространетост на организациите, за нивото на дејствување, членствата, соработките и материјалните ресурси, како и преглед на активностите, буџетите по одделни проекти и човечките ресурси употребени за нивна реализација.

Извор: МРТ (Четврток, 23 декември 2010)

 

Невладините работат без канцеларии, компјутер, интернет

Триесет и три проценти од организациите на локално ниво работат без канцеларија, пет проценти повеќе немаат компјутер, а 44 отсто немаат пристап до интернет, покажуваат податоците од публикацијата „Организации, институции и проекти за рурален развој“.

Извор: Журнал (Четврток, 23 декември 2010)

 

Промоција на публикација „Организации, институции и проекти за рурален развој“

Подобрено е организирањето во руралниот развој, покажува публикацијата „Организации, институции и проекти за рурален развој“ што денеска ја промовираа Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Мрежата за рурален развој на Република Македонија (МРР).
Во последните 10 години се основале многу повеќе организации во споредба со претходната декада. Најголем дел од нив се здруженија на граѓани насочени кон т.н. софтактивности - обуки, информации, застапувања.

- Собраните информации покажаа дека хуманите ресурси не им се силна страна на здруженијата кои работат во руралниот развој. Повеќето, 84 отсто, имаат до сто членови, 69 проценти немаат вработени лица, а малку ги користат и волонтерите како поддршка. Потребно е натамошно подобрување и на материјалните ресурси. Според податоците, 33 отсто од организациите немаат канцеларија, 38 проценти немаат компјутер, 41 отсто немаат печатач, 44 проценти немаат интернет, 62 отсто немаат фотокопир, а 72 процента работат без факс, рече извршниот директор на МЦМС Сашо Клековски.

Од анализите за оваа и претходната година се забележува пад на буџетите на организациите. Вкупниот буџет лани, како што нагласи Клековски, изнесувал 5,47 милиони евра, а планираниот за 2010 бил 2,66 милиони евра. Проектите најчесто се спроведуваат локално или национално и најголемиот број се со средна големина.

- На проектите со буџет до 10.000 евра отпаѓаат 34 отсто, на средните до 80.000 евра 44 проценти, а на големите до 1,6 милиони евра 22 отсто, беше истакнато на промоцијата.

Публикацијата „Организации, институции и проекти за рурален развој“  има за цел да ги стави на едно место субјектите активни во оваа сфера и нивните проекти. Проценката е дека ќе ја олесни комуникацијата, а активните чинители во руралниот развој ќе добијат корисна алатка за подобрување на соработката и нивниот заеднички настап.

Извор: МИА (Четврток, 23 декември 2010)

 

Организации, институции и проекти за рурален развој

Организации, институции и проекти за рурален развој е публикацијата што беше неодамна промовирана од страна на Македонскиот центар за меѓународна соработка и Мрежата за рурален развој на РМ. Ова е прва публикација од ваков вид во Македонија, барем според она што беше кажано на промоцијата, а има за цел да се добие сеопфатна слика за она што се случува во руралниот развој во Македонија, а активните чинители во руралниот развој преку неа да добијат корисна алатка за подобрување на соработката и нивниот заеднички настап таму каде што ќе биде потребно. Во наредните минути од денешната програма „Слушајте радио “, почитувани слушатели ќе зборуваме на оваа тема со мојата соговорничка Гонце Јаковлеска, одговорен уредник на публикацијата.

{mp3}20100104-MRT-GJ-intervju{/mp3}

Извор: Македонско радио (вторник, 4 јануари 2011 година)