Медиумите за промоцијата на Адресарот на организации на иселениците од РМ Печати
Понеделник, 21 декември 2009 14:23

Промовиран Адресар на организациите на иселениците од Македонија

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Агенцијата за иселеништво на Републка Македонија денеска промовираа Адресар на организациите на иселениците од Македонија.

Адресарот опфаќа 584 организации од 25 земји, а има за цел да ја подобри информираноста за организациите на иселениците, да се обезбедат основните информации да се овозможи првиот контакт, информира Александар Кржаловски извршен директор на МЦМС. Тој посочи дека најголемиот број организации се од Aвстралија 191, дoдека Швајцарија, САД, Германија, Канада се со по 50 до 60 организации. Податоците содржани во адресарот се на македонски, а има и превод на албански, англиски и на јазиците на организациите од другите етнички заедници.

- Адресарот не ги опфаќа оние што се со постојано место на живеење во соседните земји, бидејќи таму се работи за национални малцинства, граѓани без оглед на етничкиот и верски идентитет кои потекнуваат од Македонија, појасни Кржаловски. Методија Колоски, претседател на Обединетата македонска дијаспора, смета дека адресарот ќе биде особено важен за полесна комуникација и координација меѓу иселениците и ќе биде од голема корист за одржување контакти на Mакедонците со овие организации.

- Адресарот е еден чекор кон обединување на Mакедонците ширум светот. Обединети можеме и ќе успееме да се избориме за нашата рамноправност во  целиот свет и да му покажеме на светот дека заслужуваме да бидеме дел од светските глобални организации и алијанси, рече Колоски.

Според него, адресарот е од голема важност, бидејќи како што посочи, прв пат некој се обиде и успеа да  собере толку многу информации за македонските организации од дијаспората, изразувајќи надеж дека ќе најде примена кај сите Mакедонци.
Прашан за став за случувањата околу спорот со Грција, Колoски рече дека преку адресарот ќе може да ги исконтактираат сите организации и да ги слушнат ставовите на сите македонски организации низ светот, околу овие битни прашања.
- За името, човековите права, ЕУ и НАТО, знаете дека ставот на Обединета македонска дијаспора е дека не прифаќаме промена на уставното име и оти мора да се зачува идентитетот и јазикот на Република Македонија, тоа може да се сподели и со цела дијаспора, рече Колoски.
Тој изрази надеж дека НАТО и ЕУ ќе дозволат Македонија да напредува како членка бидејќи се наоѓа во Европа и местото и е во Европската унија. - За жал се вршат доста притисоци од нашиот јужен сосед. Се надевам дека во наредните шест месеци би можеле да го добиеме барем датумот за преговори и сметаме дека името не треба да биде пречка за Македонија да влезе во тие институции, посочи претседателот на Обединетата македонска дијаспора.

Извор: MИА (17.12.2009)


УМД не прифаќа промена на уставното име на Македонија

adresar-malaОбединетата македонска дијаспора не прифаќа промена на уставното име на Македонија, бара зачувување на македонскиот јазик и идентитет, изјави денеска во Скопје, Методија Колоски претседател на организацијата.

“Ставот на Обединета македонска дијаспора  е дека не прифаќаме промена на уставното име, и дека мора да се зачува идентитетот и јазикот на Република Македонија. И тоа може да се сподели покрај цела дијаспора , претежно македонската етничка дијаспора. Сега не знаеме точно кај другите заедници и организации, и благодарение на овој адресар  ќе дознаеме и од кај нив.“, изјави денеска Колоски на промоцијата на првиот Адресар на организациите на иселениците од Македонија.

Додаде  дека НАТО и Европската Унија се топ приоритет на  Република Македонија,“ и се надеваме дека овие институции ќе дозволат Македонија да напредува како земја во овој регион како членка. Македонија се наоѓа во Европа и местото на Македонија и е во ЕУ. Ние сме оптимисти дека во наредните шест месеци може да се добие датум“.

Колоски ја потенцираше големата поддршка што ја добиваат  од турската заедница шурум светот, подвлекувајќи дека од таа заедница неколку пати се обратиле до американскиот претседател Барак Обама и државниот секретар Хилари Клинтон.

Извор: Нетпрес (17.12.2009)


Поврзани: