Вест: Нов С.О.С линија за превенција од дрога и сида Печати
Вторник, 15 јули 2003 01:00

Отворена е нова S.О.S линија за помош на зависниците од дрога. Здружението на социјални работници на град Скопје, заедно со Македонскиот центар за меѓународна соработка - МЦМС, отвори бесплатна телефонска линија: 080011444, на која освен информации за превенција и злоупотреба на наркотични средства, ќе може да се добијат информации и за сидата.

На СОС линијата, која ќе биде отворена секој ден од 9 до 19 часот, ќе работи тим од седум социјални работници. Членовите на здружението објаснија дека оваа линија нема да има советодавен, туку информативен карактер, односно дека граѓаните ќе можат да добијат информација каде да се обратат за помош.
"Линијата ќе ја покрива целата земја, и телефонскиот повик ќе биде бесплатен. На него можат да се јават сите што имаат дилема околу некое прашање, без оглед дали се деца или родители. На зависниците ќе им помагаме на тој начин што ќе ги упатиме на она место каде што најбрзо ќе можат да ја добијат потребната помош", велат во Здружението на социјални работници.
Оваа линија е отворена со финансиска помош од ФАРЕ-програмата на Европската унија.
(Е.А.)

Извор: Вест (15.јули.2003)


Поврзани: