Можностите во МЦМС Печати

Сакам да се вклучам во работата на МЦМС!

Постојат повеќе начини да се вклучите во работата на МЦМС. Може да волонтирате, да ја реализирате вашата пракса, да споделите идеи и предлози за нашата работа, да ги подготвувате вашите дипломски и магистерски трудови, докторски дисертации на темите релевантни за секторите во кои делува МЦМС, да ја понудите вашата стручност на доброволна основа, да донирате пари и добра...

Волонтерството и праксата се најчестите начини на кои досега самоиницијативно се вклучувале заинтересираните лица. Веќе неколку години во МЦМС се волонтира и реализира пракса. Во нашата работа се вклучиле десетици волонтери и практиканти од Македонија, Франција, Германија, Босна и Херцеговина. Сè почесто пристигнуваат пораки со интерес за волонтерство и за пракса во МЦМС, најмногу од студентите на додипломски и постдипломски студии.

Волонтерството и праксата се одвиваат преку вклучување на волонтерите и практикантите во деловниот процес на МЦМС. Заради нивно полесно и успешно вклучување се организира ориентациска обука. Обуката има за цел да ги запознае волонтерите и практикантите со визијата, мисијата, долгорочните цели, активностите и системите и процедурите на МЦМС, како и со можностите и обврските кои ќе ги имаат. Покрај соработникот кој го координира волонтерството и праксата во МЦМС, за секој волонтер/практикант е задолжен одговорен соработник. Волонтерите и практикантите работат заедно со него, а тој ги води низ процесот, им ги објаснува и покажува работните задачи и им делегира задачи.

Во зависност од интересот и квалификациите на волонтерот или практикантот, како и од пристапот на програмите и процесите се одредува подрачјето и активностите во кои ќе се вклучи истиот.

Волонтерството и праксата може да се одвиваат во рамките на групите за реализација на програмските активности или за административно-финансиските функции на МЦМС. Волонтерите и практикантите учествуваат во подготовката на проекти, во организирањето настани, во истражувања и анализи, во правењето вести и прибирањето информации.

Времето на волонтирање вообичаено започнува со еден месец, а потоа во зависност од интересот и можностите се продолжува најмногу до 3 месеци. Времетраењето на праксата се уредува заеднички со образовната институција.

МЦМС се прилагодува на можностите на волонтерите и практикантите, особено на оние кои се на додипломски студии. Така студентите кои редовно посетуваат настава волонтираат по неколку часа во денот.


Поврзани: