Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) на 14 септември 2006 година (четврток) во хотелот Холидеј ги промовираше публикациите: “Декалог” од проф. д-р Ратомир Гроздановски; “Вистинска љубов” од монсињор Антун Циримотиќ; “Основи на јудаизмот”, превод од Цадик Данон; “Исламот и другите вери”, превод од Исмаил Раџи Ел-Фаруки и “Историјата на евангелско-методистичката црква”.
Публикациите ги промовираа Исмаил Барди, професор на Факултетот за исламски науки и Јован Белчовски професор на Богословскиот факултет.
Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го поддржа публикувањето на овие публикации, со цел да придонесе во подобрувањето на меѓусебната информираност кај верските заедници во Македонија, како и да се овозможи и запознавање на општата јавност за карактеристиките на верските заедници.
“ДЕСЕТТЕ БОЖЈИ ЗАПОВЕДИ” или “Декалог” е четивото преку кое, како што рекол поранешниот Архиепископ Охридски и Македонски Г.Г. Михаил, “ќе се увериме дека Бог ни го открива значењето за неопходноста и корисноста од познавањето на Бога и Божјите вистини и пораки за современите луѓе.” Десетте Божји заповеди се осносниот Закон и основните етичкии правила за сите луѓе низ историјата до сега и за нас што живееме денес. Тие се вечно современи и вечно актуелни. Тие се Божјиот критериум за нашиот богоугоден живот на земјата. Ова секако била инспирацијата за авторот кој веќе е познат библист, со посебен интерес за тоа колку има потреба современиот човек од вистините на Светото Божјо Откровение.
“ИСЛАМОТ И ДРУГИТЕ ВЕРИ” е дводецениска збирка на трудови на Ел – Фаруки во којашто е отсликан интересот, напорите и настојувањето на авторот да ги доближи меѓуверскиот дијалог до пошироката јавност. Збирката содржи вкупно единаесет есеи, кои директно се занимаваат со другите вери, а особено со христијанството и со јудаизмот. Есеите ја покажуваат посветеноста на авторот на научниот живот и на меѓурелигискиот дијалог.
“ОСНОВНИ ПОИМИ НА ЈУДАИЗМОТ” е едно од најконцентрираните дела во кое читателите Евреи и неевреи можат да се запознаат со традицијата, обичаите, историјата и религијата на еврејскиот народ.
“Особено ме радува фактот што можев да работам на еден ваков проект, проект којшто пред се ја продолжува традицијата и поменот на рабионот Данон, дело што ќе им ја приближи на читателите од македонското говорно подрачје традицијата и религијата на мојот народ и на моите прататковци, дело кое претставува продолжување на запознавањето со основниоте поими на јудаизмот”, вели Ави М. Козма, Хазан во Еврејската заедница.
“ВИСТИНСКА ЉУБОВ” е обид на авторот да покаже дека вистинската љубов е вистинска религиозност. Тоа е внатрешен, онтолошки повик и обврска на секој човек, зашто произлегува од човечката природа-бидејќи човекот е “слика на Бога-Љубовта”. Во “Вистинска љубов” авторот ги разгледува и просторното, временското и онтолошкото ограничување на материјата, теоријата на еволуцијата, темалните односи во Бога-Пресветото Тројство, односите помеѓу Бога и созданијата, односите меѓу луѓето, односите помеѓу Католичката Црква и Православните Цркви.
“ИСТОРИЈА НА ЕВАНГЕЛСКО-МЕТОДИСТИЧКАТА ЦРКВА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА” е публикација која ги содржи одговорите на прашањата Кои сме ние? (методистите н.з.), Како настанала Црквата?, Каква е организацијата?, Која и е должноста? итн. Публикацијата е издадена во годината кога се навршуваат 300 години од раѓањето на Џон Веслеј, човекот што се смета за основоположник на оваа Црква.
|